Како што најави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, со мерките е предвидено формирање на Центар за побезбеден интернет на национално ниво, чија форма дополнително ќе се утврдува. Неговото формирање подразбира и Формирање на Национален Интернет Провајдер, Советодавен одбор со претставници од владата, НВО и бизнис секторот, медиумите, компјутерските и мобилни оператори, на Линија за помош, како и формирање на Центар за подигање на свесноста кај локалното население, кој ќе е одговорен за креирање на национални стратегии за подигање на свесноста за деца, млади, родители и наставници.
„Владата сериозно ќе се насочи кон активности за сузбивање на овие штетни појави, кои ги загрозуваат децата и младите, нивниот развој, нивните вредности и нивното поведение. Очекуваме силна поддршка од целото општество, од граѓанскиот и бизнис секторот, од медиумите, од родителите, од секој граѓанин. Ова е исклучително значајна работа и ние како држава и општество очекуваме да оствариме успех во нејзиното превенирање и искоренување на штетните влијанија“, рече Ѓорѓиев.
Со мерките е предвидено и изготвување на Национална програма, со акционен план за превенција, спречување и заштита на децата и младите од нелегални активности и содржини на интернет, засилување ма контролата и законското санкционирање на загрозувањето на деца и млади преку интернет, како и барање за приклучување на Република Македонија кон три меѓународни асоцијации кои се борат против опие опасности и загрозувања.
Носител на активностите ќе биде Министерството за информатичко општество и министерот Иво Ивановски.