Владин тим предводен од потпретседателот и министер за финансии Зоран Ставрески, синоќа одржа трибина во Центарот за култура „Григор Прличев“.  На средбата со охриѓани владините министри и високи финкционери на владејачката ВМРО ДПМНЕ ги претставија приоритетите во наредниот период, посочувајќи ги ефектите од досега преземените мерки за ублажување на економската криза.

– Во овие тешки времиња Македонија е една од малкуте во Европа која успеа да задржи низок буџетски дефицит и ниско ниво на задолженост, истакна Ставрески. Тој потенцираше дека македонскиот долг и во вакви времиња на финансиска и должничка криза, изнесува 28 проценти од БДП, што е еден од најниските на европско ниво.


Вицепремиерот цени дека капиталните инвестиции позитивно влијаеле врз целокупната стопанство особено на градежништвото кое  бележи двоцифрен раст.

– На тој начин во овој тежок период обезбедивме работа за илјадници наши работници и опстојување на стотоци фирми кои ги изгубија странските пазари, додаде Ставрески.

Тој најави дека и општина Охрид ќе биде дел од проектите на Владата, односно ќе може да реализира одредени комунални и инфраструктурни зафати од витален интерес за граѓаните.

Вицепремиерот за екононмски прашања Владимир Пешевски зборуваше за плановите за формирање слободни туристички зони во Охрид, како и за активностите за промоција на Македонија на странскиот пазар.


На средбата стана збор и за капитални инвестиции и најавените мерки за  ревитализација на ЕМО.

OhridNews