Владо Илиевски, кошаркарот кој се прослави со „тројката“ во последните секунди во мечот против Литванија, си заминува од македонската кошаркарска репрезентација, пренесува “Макфакс“.


Само три дена по Тодор Гечевски,  и еден ден откако Илиевски го напушти тимот на Локомотив Кубан, поради семејни причини, денеска со соопштение до јавноста тој информира и дека става крај на своите настапи во репрезентативниот дрес на Македонија.

„Би сакал да Ве информирам за две мои решенија, кои ги донесов последниве неколку дена. Едната одлука е да ја напуштам екипата на Локомотив Кубан од Русија, каде настапував и во вториот дел на минатата сезона, а втората одлука е да престанам со настапите за македонската репрезентација. И во двата случаја причината е идентична и е од лична природа“, информира Илиевски.

Владо Илиевски беше дел од кошаркарската репрезентација на Македонија, со која настапи и на Европските првенства во Франција 1999 година и Литванија 2011 година, со која стигна до четвртото место.

По неговата „тројка“ во полуфиналето против Литванија, тој рече: „Леле луѓе, што направивме?! “, што стана вистински хит кај навивачите.


„Иако на моменти беше доведувана под прашање мојата посветеност кон македонската репрезентација, сакам да истакнам дека репрезентацијата е најзаслужна за мојата афирмација како кошаркар, но и дека репрезентацијата ми ги донесе најрадосните моменти во мојата кариера“, вели Илиевски во соопштението.

„Секогаш со гордост го носев националниот дрес и со срце се трудев да и помогнам на мојата држава да извојува победи на спортскиот терен“, додава Илиевски.

Тој искажува подготвеност во иднина да се стави на располагање на националниот тим.

„Останувам најголемиот навивач на репрезентацијата и во кое било време сум подготвен да помогнам за доброто на македонската кошарка“, порача Владо Илиевски.

OhridNews
извор:„Макфакс“