„Одлуката на Уставниот суд да поведе постапка против забраната да се помилуваат сторители на изборен криминал е краен срам за правната професија во Македонија. Уставниот суд изврши државен удар. Ова е крај на државата.“ – изјави еминентниот правник и поранешен претседател на МАНУ Владо Камбовски, по повод иницијативата за оценување на уставноста на Законот за помилување, која се однесува на лица осудени за кривични дела поврзани со изборите и гласањето, како и на лица осудени за педофилија, за трговија до наркотични средства и за лица осудени од меѓународен суд, а кои казната ја издржуваат во Македонија.

Остри критики упатија истакнати правници и експерти. Tие апелираат Уставниот суд да се издигне над партиските и индивидуалните интереси и да донесе одлука со која нема да го укине Законот за помилување.

Против укинување на законот се изјасни и детската амбасада „Меѓаши“, според која недозволиво е да се помилуваат лица осудени за залоупотреба на деца.

Иницијативата предизвика реакции и на дипломатските претставници во земјава кои изразија чудење, а дел од нив од нив искажаа отворено негодување на социјалните мрежи. 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вели дека не стои зад иницијативата и дека најголем интерес од истата има СДСМ.

„СДСМ во 2009 година кога се гласаа измените во Законот за помилување беше строго против измените со образложение дека истите биле спротивни на Уставот. СДСМ тогаш дури и ја напушти седницата во знак на револт и противење на измените на Законот кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ и тогаш и сега стои зад измените во Законот за помилување кои беа предложени до Уставниот суд. Со тие измени се предвиде да не може да има помилување за одредени категории осуденици како оние на кои им одредена казна за дела поврзани со избори, педофилија и слично.“ – соопшти ВМРО ДПМНЕ. 

Според СДСМ пак, одлуката да се прифати иницијативата за оценување на уставноста на Законот за помилување е мотивирана од постапките за изборни манипулации кои ги покрена Специјалното јавно обвинителство. Сомнежот е дотолку повеќе поголем што ова е единствена иницијатива која толку експресно е процесуирана во Уставниот суд, сметаат од СДСМ. 

Граѓани и активисти два дена по ред протестираат пред Уставниот суд барајќи оставка од судиите поради донесената одлука судот да дозволи преиспитување на уставноста на законот со кој се забранува Претседателот да помилува осуденици за изборен криминал, педофилија и други тешки дела. 

Иницијативата за оценување на уставноста на Законот за помилување со кој не се дозволува помилување на лица инволвирани во изборни нерегуларности, осудени за педофилија и други тешки кривични дела, ја покрена охридскиот адвокат Ристо Китески, кој работи самостојно во адвокатска канцеларија на Љупчо Наумовски, правен застапник на осомничени лица во случајот „Титаник“. Китески вели дека дека иницијативата ја покренал на сопствена иницијатива и од професионални причини, а тоа што дели иста канцеларија со адвокатот Наумовски за него е само случајност. Истото го тврди и Наумовски, кој вели дека не влијаел на помладиот колега околу иницијативата и не знаел за истата. Иницијативата за оценување на уставноста на Законот за помилување донесен во 2009 година не значи негово укинување или поништување, бидејќи таа е само прифатена и за неа Уставниот суд допрва ќе одлучува, објаснуваат охридските адвокати. 

OhridNews

Охридскиот адвокат Китески ќе поднесе нова иницијатива пред Уставниот суд