Влакнестите палми кои во месец ноември беа засадени на Денот на дрвото во Холандскиот парк очигледно тешко се адаптираат на климата во Охрид. Она што деновиве може да се забележи во паркот се само мали делови од стеблата на палмите, што голем број од граѓаните ги наведе на помислата дека тие се украдени или уништени .
Директорката од ЈП Охридски комуналец, Елена Скрческа објаснува дека е извршено режење на палмите и отстранување на исушените делови.
– По затоплувањето на времето, ги отстранивме најлонските обвивки со кои ги заштитивме палмите од ниските температури, при што беше утврдено дека има делови кои се исушени. Ги отстранивме со цел да им се даде можност на растенијата подобро да се развиваат во наредниот период, вели Скрческа.
Влакнестите палми во Холандскиот парк беа засадени на Денот на дрвото во ноември, како дел од вкупно 100- те предвидени за засадување на подрачјето на општина Охрид. При тоа од страна на претставниците од министерството за животна средина и просторно планирање беше објаснето дека станува збор за вид на палма која одговара на условите од нашето поднебје и која издржува и на температури и до минус десет степени.
Т.К.