Без успех завршија преговорите на најголемите политички партии од власта и опозцијата околу дефинирање на референдумското прашање и одржувањето на референдумот по договорот за решавање на спорот со името постигнат помеѓу владите на Македонија и Грција во Преспа.

По завршувањето на несуспешните преговори, партиите меѓусебно се обвинија за исходот од средбата.

Според СДСМ, лидерот ја ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски покажал дека не успева и не сака да го препознае моментот. Наместо иднина во ЕУ и НАТО, Мицкоски избра да остане во темното минато, на страната на криминалот, изолацијата, темнината. Тој сака и граѓаните да останат во темнина, рекоа од СДСМ.

-Денеска, по лидерската средба се стана јасно. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ лажеа дека им бил важен изборот на ДИК со двотретинско мнозинство. Лажеа дека сакаат во ЕУ и НАТО, лажеа дека сакаат правна држава и реферeндум на кој граѓаните ќе одлучат. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски имаа една и единствена цел – амнестија на криминалот по секоја цена.  Дури и по цена да нема референдум, доколку нема амнестија. ВМРО-ДПМНЕ партијата што една децеција заговараше рефернедум, денеска избега од таквата обврска. Мицкоски вели дека сака во ЕУ и НАТО, а не поддржува ниту еден чекор кон таа цел. – рече Костадин Костадинов, пратеник во Собранието на Република Македонија.

Претседателот на опозциската ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, во изјава за медиумите истакна дека непремостлив мост во разговорите било дефинирањето на референдумското прашање.

-Нашиот став е јасен и недвосмислен како што бараме да биде и прашањето на референдумот кое што коинцидира со нашиот конзистентен став дека ние мораме да имаме едносмислено прашање на кое што јасно ќе биде изразена волјата на граѓаните на Република Македонија. – рече Мицкоски.

Запрашан доколку сепак се одржи референдум со прашање кое ќе го дефинира владата, дали опозцијата ќе го бојкотира, Мицкоски рече дека не може да одговори на хипотетички прашања.

Инаку, партиите на денешната лидерска средба во Скопје, се договориле дека за да биде успешен, референдумот  треба да исполни 2 кумулативни услови, да има излезеност 50 проценти плус 1 од бројот на гласачите кои што се евидентирани на списокот на гласачи и вториот услов е од тие што излегле минимум 50 проценти плус 1 да гласаат “за“ или “против“.

Претходно партиите постигнаа договор Државната изборна комисија да се избира по стариот модел со 2/3 мнозинство, а неофицијално политичките субјекти ги доставиле и персоналните решенија за ДИК со која според се’ уште непотврдени извори ќе раковори Оливер Дерковски од ВМРО ДПМНЕ.

Сепак договоренот може да не важи, затоа што станува збор за пакет, кој, како што рече во изјава за медиумите премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, претседателот на ВМРО ДПМНЕ го одбил.

-Христијан Мицкоски денес одби избор на ДИК по услови кои тој ги бараше. Доби Закон за финансирање на политички партии со неговите предлози вклучени во текстот, одби и техничка влада по пржинскиот модел пред секои избори. Сето ова го добиваше во пакет, со единствениот услов кој требаше јавно да го исполни. Да ги повика гласачите и поддржувачите на ВМРО ДПМНЕ да излезат на претстојниот референдум и да гласаат по сопствено убедување. Христијан Мицкоски одби да се откаже од својата намера со бојкот да ги уништи ЕУ и НАТО перспективите на граѓаните. – реше Заев.

OhridNews