По интензивните дипломатски чекори што ги презеде меѓународнмата заедница, на потег се македонските политичари од власта и опозцијата кои се уште имаат дијаметрално спротиставени ставови во однос на можните решенија за излез од двомесечната криза.
Еврокомесарот Филе пред два дена им пиша на Груевски и Црвенковски, а вчера земјава ја посети министрот за надворешни работи на Германија, најмоќната членка на ЕУ. Гидо Вестервеле упати недвосмислена порака до македонските политичари да покажат одговорност, да мислат на судбината и на иднината на државата и да покажат доволна мерка на готовност за компромиси, доволна флексибилност за да се вратат кон една средена демократска соработка.
Телевизијата „24 вести“ повикувајќи се на неофицијални извори, пренесува дека по писмото на еврокомесарот Филе, од Бихаќка излегол нов предлог- локалните избори да се одржат на 7 ми април, без договор за предвремени парламентарни избори. Од СДСМ засега не ги коментираат ваквите натписи. Опозицијата најави бојкот на локалните избори, како и интензивирање на протестите, а отпорот против власта, како што го нарекуваат, според најавите треба да кулминира со враќање на 42(-1) пратенички мандати на 24 март.
Дел од политичките аналитичари сметаат дека опозицијата повлекла погрешен чекор и дека бојкотот е грешка, која може многу да ја чини. На тоа се надоврзуваат и најавите за формирање нова партија, што дополнително би ја искомпликувало, ионака комплицираната политичка ситуација. Но, во СДСМ се убедени дека го повлекле вистинскиот чекор, објаснувајќи дека со бојкотот свесно се жртвува многу за повисоки цели, а тоа според нивните математики е промена на власта на централно ниво.
СДСМ тврди дека за ваквото сценариот има консензус во опозициската коалиција, иако дел од неа (ПЕИ) поднесе листи на кандидати за советници и градоначалници, а со печат од Српската напредна партија Стевче Јакимовски во минута до дванаесет ја истакна својата кандидатура за градоначалник на Карпош. Бранување во редовите на опозцијата предизвика и изјавата на претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски дадена за „Телма“ дека нема да се кандидира за реизбор на партискиот конгрес кој треба да се одржи во мај. Таков потег очекува почесниот лидер на Либеалната партија и некогашен Претседател на Собранието, Стојан Андов. Тој во колумна за Фокус напиша дека Црвенковски треба да се повлече и да остави друг да го организира партискиот конгрес во мај, бидејќи ја однел опозицијата во ќорсокак. Но, генералниот секретар на СДСМ Андреј Петров, во емисијата „Во Центар“ на Васко Евтов, емитувана синоќа на „Алсат М“, истакна дека нема шанси да се случи такво нешто и дека партијата нема да му дозволи на Црвенковски да се повлече сега.
Од друга страна владејачката ВМРО ДПМНЕ не покажува знаци на попустливост. Премиерот и лидер на партијата токму од Охрид јасно порача дека договор со Црвенковски за предвремени парламентарни избори нема да има.
Во одговорот на писмото од еврокомесарот Филе, Груевски изрази жалење за потешкотиите за надминување на политичките предизвици произлезени од настаните на 24 декември, посочувајќи дека во изминатиот период власта понудила многу опции и излезни решенија за надминување на оваа ситуација. „Сепак ние остануваме одговорни, отворени и посветени за продолжување на делувањето согласно јавно искажаните принципи и за евентуални конкретни предлози од било кого, вклучувајќи конкретни предлози и од страна на г-динот Филе“-пишува во писмото на Груевски.
Одговор на писмо на Филе испрати и Црвеновски, во кое се наведува дека опозицијата во деновите што доаѓаат е подготвена за политички дијалог кој би довел до договор.
Дали ваквите сигнали ќе бидат преточени во нов предлог кој би претставувал излезно решение од политичката криза, или и двете страни ќе останат на различни позиции со сите можни ризици и последици, одговорот треба да дојде многу брзо, затоа што време за политички маневар има се помалку.