Молк во Владата за апсењето на индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој во изминатиот период се претставуваше како потенцијален инвеститор заинтересиран да гради голем туристички комплекс на Охридското Езеро во Љубаништа, критикува опозцијата. ЛДП јавно го прозва премиерот Груевски, обвинувајќи дека државата правела договор со бизнисмен осомничен за незаконски дејствија во својата земја.

„Иако Груевски знаеше дека за Субрата Рој, повеќе од две години, во неговата земја, постојат сериозни обвинувања за противзаконски дејствија, пред македонската јавност еуфорично го промовираше како сериозен партнер кој ќе направи рај од нашата земја. Покрај судски нерасчистените истраги за финансиските малверзации од Субрата, Груески и Ставрески со него правеа договори со кои по багателни цени, речиси му ги подарува, атрактивните државни парцели од плодното Овчеполие, приватните имоти на граѓаните на охридското крајбрежје, а не им беше свет ни црковниот имот во Љубаништа.“- се вели во соопштението на ЛДП. 

Опозициската партија смета дека некој треба да сноси политичка одговорност за манипулирање со јавноста.

-ЛДП го прашува Груевски, зошто кога веќе знаеше дека Субрата Рој е во судир со законите во Индија, не ја почека судската одлука со која можеби ќе се докажеше дека, несудениот инвеститор, не се огрешил од законот? Дали не му е познато дека премиер, министер па дури и бил кој државен функционер е недозволиво да велегува во преговори и договори со партнери обвинети за криминал, а доколку тоа се случи неизбежна е одговорноста? Што е најважно, дали повторно, свесно, Македонија ќе плати огромен данок во служба на популизмот? – прашува ЛДП.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот за странски инвестиции Бил Павлески, вчера изјави дека Владата ги следи настаните поврзани со инвестициите и дека детално се анализираат и проверуваат сите потенцијални инвестиции во земјата и граѓаните се заштитени во тој поглед, посочувајќи дека конкретниот случај се однесува на случувања во друга држава и таму ќе се докажува.

OhridNews