Министерството за надворешни работи на Грција ги негира информациите дека во Солун се случил инцидент во кој починал студентот Александар Самарџиев, пренесува „Макфакс“.
„Таков инцидент се нема случено. Сметам дека тоа е морбидна фантазија“, вели портпаролот на грчкото министерство за надворешни работи, Григорис Делавекурас.
Тој ја повика македонската Влада да биде, „попретпазлива и да не остава простор за вештачко заострување и пораст на национализам“.
Ниту македонската амбасада во Атина, ниту партијата на Македонците во Грција „Виножито“ немаат информација за инцидентот во кој починал Самарџиев.
И македонската Влада се уште нема официјална потврда за наводната смрт на Александар Самарџиев, информира портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
„Во моментот кога ќе има официјална потврда и став за сите информации, во истиот момент Владата ќе излезе со своја реакција по однос на сите информации и аспекти кои беа лиферувани во јавноста“, рече владиниот портпарол Ѓорѓиев, во недела на прес-конференција.
Сите дипломатски механизми се искористени, додаде владиниот портпарол, а преземени се сите потребни чекори и се очекува, по добивањето официјален став јавноста благовремено да биде информирана за ставот и реакциите на Владата.
„Згрозени сме од она што го слушнавме во текот на изминиот ден од пласираното во јавноста. Но, во овој момент се уште нема официјална потврда за тие информации“, рече Ѓорѓиев.
Тој упати апел сите совесно и одговорно да пристапуваат кон оваа тема затоа што, како што рече, е навистина чувствителна.
извор:„Макфакс“