На Конкурсот за расказ, како што информираа на денешната прес конференција, годинава пристигнале 67 ракописи, од кои 60 ги исполнале условите на конкурсот, додека пак седум од нив не биле земени во предвид затоа што биле потпишани со име и презиме.
– На трите состаноци комисијата ги разгледа и темелно ги дискутираше вредностите на пристигнатите раскази,по што во најтесен избор ги издвои “Влегување во песната“, “Чубриниот Источник“ и “Невина“. Пристигнаа раскази со висок квалитет и жал ми е што мораа да отпаднат и неколку раскази кои според својата вредност речиси се изедначуваа со првонаградениот, рече Славе Ѓорго Димоски, член на комисијата за доделување на наградата.
Наградениот расказ “Влегување во песната“ претставува успешно поврзување на традицијата и фолкорот со современоста, реализиран како суптилно понирање во духот на македонскиот јазик. На формален план, како што стои во образложението на комисијата, расказот ја варира темата врзана за народните песни ’’Дафино вино црвено’’и ’’Билјана платно белеше’’ при што симболиката на виното и на платното успешно е инкорпонирана во структурата на расказот.
Авторот на првонаградениот расказ ќе добие парична награда во висина од 30. 000 денари, која ќе му биде доделена во рами на културната манифестација “Вечери на Живко Чинго” во Велгошти, која традиционално на 13- ти август, се одржува во родното село на Чинго, еден од најпознатите македонски писатели од втората половина на 20- тиот век.
Првонаградениот расказ, како и изминатите години, ќе биде објавен во дневниот весник “Нова Македонија”.