Новонастанатата состојба со колекторскиот ситем односно влевањето на повеќе од 750 литри отпадни води во секунда, директно во Охридското Езеро, е повеќе од Еколошка бомба, сметаат од СРК Св.Апостол Петар. Од таму велат дека недопустливо е тоа што надлежните служби, кои управуваат со колекторот веќе 60 дена знаат за оваа неисправност на Колекторот, но до сега не направиле ништо за да се спречи оваа појава.
-Бараме и од локалната и од централната власт да се надминат себеси и да го заштитат езерото од можна еколошка катастрофа. Ако е проблемот во тоа што одливната цевка од пречистителната станица во Враништа е под водостојот на Дрим, што придонесува да не работи целиот колекторски систем, тогаш до сега требало најмалку сто пати да се реагира и да се постави пумпа , која ќе ги испумпава водите од пречистителната станица во Дримот , или да се направи бајпас, односно да се прокопа педесетина метри канал преку кој отпадните води ќе се влеват во Дрим од повисоко ниво. –вели Радован Димитриевски од СРК Св.Апостол Петар.
Централната власт според рибарите нема стратегија и не знае да се справи со високиот водостој на Охридското Езеро, односно со овогодинешното брзо полнење на езерото и немање на соодветна инфраструктура за брзо испуштање на водата.
-Ние сме најзагрижени за флората и фауната која немилосрдно се уништува , и не можеме да сфатиме дека сите инволвирани страни во проблемот како да се гордеат и се молат да се направи поголема штета на целиот екосистемот на езерото и на населението . За потоа било која инволвирана страна да сноси поголема политичка одговорност . Бараме од Европа милиони евра да го заштитиме езерото а го уништуваме само за десетици илјади-вели Димитриевски.
OhridNews