Здравјето на граѓаните поради неспособноста на владата и министерот Филипче е доведено во прашање, изјави денеска на прес конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, откако беше објавено дека лекарка која не ги почитувала безбедносните протоколи, е четвртиот пациент заболен од корона вирус во земјата.

Оние кои треба да ги заштитат граѓаните од ширење на корона вирусот се главен извозник на корона. Ова може да биде почеток на целосен колапс на здравствениот систем. Ако падне Клинички центар „Мајка Тереза“, паѓа целиот здравствен систем. Граѓаните ќе останат без заштита. Жариштето се шири. Освен Клиниката за кожни болести, под надзор е и Клиниката за стоматологија, каде се проверуваат вработените поради јавен случај за кој постои сомневање дека е заболен од корона вирусот. – рече Стојаноска.

Во јавноста има информации дека Филипче знаел една недела за овој случај и не превземал никакви мерки, додаде Стојаноска.

Бараме веднаш неотповиклива оставка да си поднесе најодговорниот за овој случај министерот, Венко Филипче, пуленот на Зоран Заев. Оставка веднаш. Бараме кривична одговорност за директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Биљановска според член 205 и 206, каде што во членот 206 став 1 гласи: Тој што за време на епидемија на некоја опасна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со казна затвор од една година. – изјави Стојаноска.

OhridNews