Од општинската ВМРО ДПМНЕ обвинуваат за незаконско именување на членови во надзорни и управни одбори во јавните претпријатија. Како што рече на денешната прес конференција претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков, на последната одржана седница, спротивно на одредбите од Законот, од страна на Советот донесени биле одлуки со кои се именувани лица за членови на управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, кои не ги исполнуваат законските услови.

Тој потенцира дека дека согласно „Законот за јавните претпријатија“, член 17 став 3 за претседател и член на управниот одбор и член 26 став 3 за член на надзорните одбори може да биде именувано лице кое покрај останатите треба да ги исполнува и следните услови: да има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен ВИИ/1 степен образование, има минимум три години работно искуство, поседува еден меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години, има положено психолошки тест и тест за интегритет.“

– Имајќи го предвид претходното, јавно го повикуваме градоначалникот Јован Стојаноски, кој согласно член 50 од „Законот за локална самоуправа“ и член 30 од „Статутот  на општина Охрид“ има надлежност и обврска да ја контролира законитоста на прописите донесени од страна на Советот на општина Охрид, да одговори на следните прашања: Кој од новоизбраните членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во Охрид: поседува меѓународно признат сертификат за познавање на странски јазик и положен психолошки тест и тест за интегритет, согласно „Законот за јавните претпријатија“? Зошто се разрешени членовите на Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори’’ на кои не им беше истечен мандатот, а истите ги исполнуваат сите услови предвидени со Законот, а на нивно место се поставени лица кои не ги исполнуваат условите? Зошто градоначалникот Јован Стојаноски, согласно член 51 став 1 од „Законот за локална самоуправа“, иако знае дека Советот носи незаконски одлуки, со Решение не го запре нивното објавување во службен гласник на општина Охрид и дозволи истите да стапат на сила?, праша Пецаков.

Пецаков додаде дека постапката мора да биде предмет на работа на надлежните судски органи.

– Јавно го повикувамее градоначалникот веднаш да преземе мерки за ставање вонсила на донесените одлуки, а доколку тоа не се случи, ќе биде поднесена претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, кој е должен да донесе решение за запирање на примената на одлуките. Ги повикуваме незаконски поставените членови на управни и надзорни одбори, кои лично сносат и кривична и материјална одговорност, да не се впуштаат во носење одлуки во рамките на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, имајќи го предвид фактот дека таквите одлуки се ништовни и истите по запирањето на примената на одлуките за нивен избор донесени од страна на Советот на општина Охрид, нема да произведуваат никакво правно дејство, нагласи Пецаков.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, незаконски именуваните и поставени лица, треба во најкраток можен рок да си поднесат оставка.

OhridNews