Последен пат утрово ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го потсети СДСМ за нашите позиции. Тие добро знаат дека ние сме партија која не менува став во текот на денот и затоа излегуваат со вакви алиби прес конференции, со кои сакаат да си обезбедат аргументи пред членството, функционерите од нивната партија, коалиционите партнери и меѓународната заедница. Повторуваме како што кажавме и утрово, не постои теоретска можност за било каков договор со СДСМ во кој се споменуваат предвремени избори во било која опција и во било која варијанта, ниту пак постои можност за пролонгирање на датумот за одржување на локалните избори, стои во официјалното соопштение од ВМРО- ДПМНЕ по денес одржаната прес- конференција на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Од партијата додаваат дека со цел да не му се остави можност на Црвенковски да си создава дополнително алиби пред цела јавност, со тоа дека нема време за подготовка на советничките листи, или за евентуални измени на изборниот закон, доколку се оцени дека е потребно согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР и дека веќе е во цајтнот и од таа причина нема да учествува на локалните избори, му нудат на СДСМ – доколку вечерва до 19 часот се согласат, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено законски да се продолжи рокот за доставување на советничките и градоначалничките листи за 3 до 4 дена, а сепак, рокот за одржување на локалните избори да остане ист.

OhridNews