Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Охрид преку писмено соопштение реагираше на изнесените ставови од страна на Општинската организација на СДСМ.
-Почитувани сограѓани, кликата на чело на СДСМ во Охрид денеска повторно ја извади главата од глувчешката дупка во која се крие, направи обид да стане релевантен фактор во локалната политика и уште еднаш, како и многу пати досега, покажа дека нема никаков контакт со реалноста. Депонијата кај Мауцкер е само мал дел од „наследството“ за Охриѓани од СДСМ и поранешниот градоначалник Петрески, заменикот и сегашен пратеник Тунтев и директорот на ЈП Комуналец Алче. Како да не биле задоволни со економското урнисување на градот и „дислоцирање“ на парите од буџетот на локалната самоуправа, тајфата заради свои бизнис зделки го претвори влезот на Охрид во ужасна дива депонија. Соодветните заработија и пријави од Државниот инспекторат за животна средина и природа. Ако кликата заборавила, ние ќе ја потсетиме. ВМРО ДПМНЕ уште во време на анархијата и беззаконието под поранешниот градоначалник неколку пати предупредуваше за еколошката катастрофа што се заканува на Мауцкер, пишува во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.
Во него се потенцира дека Локалната самоуправа, ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески вложуваат големи средства од урнисаниот буџет на локалната самоуправа и се во постојани напори да го средат овој проблем и да го исчистат ѓубрето што го остави СДСМ за да се почне со изградба на индустриската зона.
-Да не беа трагични, ќе беа смешни изливите на самодоверба на десеткуваната опозиција во Охрид. Без трошка срам спомнуваат доверба и одговорност. Ја видовме довербата и сфаќањето за одговорност на тајфата. Ниту кликата во СДСМ е способна да преземе одговорност, ниту народот ќе им даде било каква доверба. Времето поминува, изборите се ближат. Народот е најпаметен, гледа и не заборава, велат од ВМРО ДПМНЕ.
OhridNews