Државната изборна комисија попладнево ќе одржи итна седница на која ќе биде разгледано барањето поднесено од овластениот претставник на подносителот на листата Кирил Божиновски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за донесување одлука за повлекување на поднесените листи на кандидати за членови на совет на Општина Кичево и Општина Струга и поништување на решението за потврдување на листа за членови на совет на општина, на ОИК Кичево и ОИК Струга.

Со ова самo се потврдуваат информациите дека СДСМ и ВМРО ДПМНЕ договориле заеднички настап на претстојните локални избори во Струга и Кичево.

Неофицијално дознаваме дека во Струга СДСМ ќе го поддржи кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ д-р Владо Кочоски, а се подготвува и заедничка кандидатска листа за советници на двете партии. Сличен договор се најавува и за Кичево.

Во ограноците на двете политички партии во Струга се претпазливи и засега се воздржуваат од давање било какви изјави со кои ќе ги потврдат ваквите информации, но ниту ги демантираат.

Крајниот рок за доставување листи на кандидати за градоначалник и советници истекува вечерва на полноќ.