ВМРО ДПМНЕ смета дека претседателот Стево Пендаровски неуставно го доделил мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев, без тој да достави гаранција дека има обезбедено неопходно мнозинство како мандатар, поради што партијата по средбата со шефот на државата објави дека ги замрзнува односите со него.
ВМРО-ДПМНЕ на денешната координација донесе заклучок дека од овој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со господинот Стево Пендаровски и ќе ги преиспита политиките коишто ќе ги води во однос на кабинетот на господинот Стево Пендаровски. За жал уште еднаш можам да кажам дека како напад и во минатото, така и овој пат се приватизирани институциите, заробени за личен и партиски интерес, а на сметка на интересите на граѓаните. Ќе повторам и тука ќе завршам, денеска пратеникот Зоран Заев го доби мандатот откако го уверил Претседателот Стево Пендаровски дека ќе работи на парламентарно мнозинство, без да поседува парламентарно мнозинство. – изјави по средбата со Пендаровски лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Претседателот Пендаровски потсети на ситуациите во 2006-та и во 2016-та година, кога со писмо од тогашните претседавачи на Собранието, Стојан Андов и Трајко Вељановски биле известени тогашните претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов дека со верификација на мандатите на пратениците Собранието е конституирано.

Пендаровски нагласи дека ниту еден претседател досега не барал изјави, освен Ѓорге Иванов вториот пат, откако Груевски не создаде парламентарно мнозинство, па мандатот требаше да го добие Зоран Заев. Тој додаде дека мнозинството од 61 пратеник не се утврдува кај претседателот со потписи или со нотарски заверени изјави, туку се утврдува на денот на гласањето во Собрание за нова Влада.
Во својата изјава претседателот Пендаровски образложи дека доколку во следните 20 дена, претседателот на СДСМ Зоран Заев не успее да формира парламентарно мнозинство, тогаш мандатот ќе го добие претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Г.М.












