„Нови дела  за нов напредок, нови дела за подобар Охрид“ е мотото со кое ВМРО ДПМНЕ ќе атакува на локалната власт во Охрид на претстојните избори. Изборниот штаб на партијата ќе биде лоциран во комплексот Летница во строгиот центар на градот, кој веќе е брендиран со партиското мото.


Изборното мото на ВМРО ДПМНЕ во Охрид

Наредната недела се очекува и официјално да биде промовирана програмата на кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески. Првично беше предвидено промоцијата да се одржи во спортската арена „Атина Бојаџи“, но по одбивањето на упатеното барање од општинското јавно претпријатие кое стопанисува со објектот, од ВМРО ДПМНЕ најавија дека изборната програма на д-р Бакрачески ќе биде промовирана на соодветен начин.

Според ВМРО ДПМНЕ станува збор за недемократски чин со цел да се опструираат активностите на нивниот кандидат за градоначалник, поради што јавното претпријатие одбило да ја издаде под наем спортската сла и покрај тоа, како што велат, истото се соочува со сериозни финансиски проблеми.

-Станува збор за класична политичка опструкција само за да не биде презентирана програмата на д-р Бакрачески. Луѓето немаат пари плата да земат, а од друга страна не сакаат да добијат пари за тоа што треба да се сработи.-изјави вчера претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.

Од општината, под чија капа е јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, објаснуваат дека арената градот ја изградил  за спорт и културно –уметнички настани , а не за политички митинзи, поради што било одбиено барањето на ВМРО- ДПМНЕ.

Општина: ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека салата е наменета за спорт