Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за поддршка на Благоја Деспотовски во Кичево во понеделникот поднела приговори за седум избирачки места со кои може да се доведе во прашање победата на кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, пишува Дневник, пренесува „Макфакс“.
Се работи за седум избирачки места, од кои четири во Осломеј, две во Зајас и едно во Кичево, каде што постоеле докази за групно и семејно гласање.
Како што пишува весникот, забелешките на кичевчани биле зошто двете партии од македонскиот блок не ја одбрале стратегијата на ДУИ, односно и македонската дијаспора да дојде на гласање. Двете партии деновиве прават анализи каде и зошто не се совпаднале нивните претходни прогнози со изборните резултати. Причината за загубата на Кичево, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, освен во масовното присуство на албанската дијаспора, ја гледаат и во двојните игри на Демократска партија на Турците на Ќенан Хасипи и на ПЕИ на Фиат Цаноски.
Некои медиуми пишуваат дека поддржувачите на Деспотовски од ромската населба ,,Мексико“ и нивниот локален лидер ,,Обама“ не ги исполниле ветувањата и поддршката. За 500 евра за глас наместо за кандидатот Деспотовски гласале за Дехари, пишува Канал 5.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во понеделник беше во Кичево каде беше пречекан од голем број граѓани. Дел од нив протестирале, а дел му изразија поддршка.
Тој порача дека Кичево останува Република Македонија и дека го разбира гневот на граѓаните на Кичево и рече дека тоа е и негов гнев.
OhridNews
извор: „Макфакс“