„Задачата на еден градоначалник е да остави трага во живеењето на градот. Мора да сме достојни и да оставиме едно парче во мозаикот историја што ја создавале претходните генерации“- рече на вечерашниот митинг кандидатот за градоначалник од оваа партија, Кирил Трендафилов-Нанче.

Трендафилов додаде дека имаме влада која во изминатите 2,5 – 3 години покажа оти може со посветена работа да ги отвара видиците за сите граѓани.
„Нашиот кандидат за градончалник, е човек кој досега има работено на неколку работни места и зад него нема оставено никаква опашка“ им се обрати на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и кандидат за советник.
„Гласаме за градоначалник кој не е корумпиран и не е киднапиран, човек кој ќе донесе странски инвестиции и кој ќе ја гради успешната приказна за Охрид“, кажа пратеникот Александар Николовски.

Дејан Пановски, кандидат за советник од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека оваа партија заедно со коалициските партнери водела успешна кампања во изминатите денови. „Верувам дека чесно ја сработивме кампањата и им кажавме на граѓаните дека иднината на Охрид е градоначалникот и советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои умеат да го сносат товарот на периодот што претстои и да донесуваат одлуки кои ќе бидат од особена важност за граѓаните.
Митингот што се одржа во преполната сала на центарот за култура во Охрид го организира месниот комитет „Центар“.
А.Р.











