Општина Охрид бега од одговорност и не соопштува зошто најголемиот туристички центар во земјава нема јавни тоалети. Јавноста не доби одговор каде се потрошени средствата од буџетот предвидени за јавна чистота, реагираат од ВМРО ДПМНЕ на образложението на општината во врска со обвинувањата што оваа партија ги упати на нејзина адреса за нереализирањето на проектот за изградба на јавни тоалети во Охрид.
-На прес конференцијата посочивме точни локации и точен износ на средства за изградба на јавните тоалети во туристичкиот Охрид. Посочивме дека средствата треба да се користат од ставката за јавна чистота од Буџетот на Општина Охрид. И тука е неговото бегањето од одговорот. Одговорете господине Петрески дали на половина од годината заклучно со 30.06.2012 ја испразнивте ставката за јавна чистота од Буџетот и кому и зошто му ги префрливте сите 14 милиони денари од годишната ставка за јавна чистота само за 6 месеци?-се вели во реакцијата на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ.
Претходно Локалната самоуправа соопшти дека за тоа што Охрид се уште нема јавни тоалети не е виновна локалната, туку централната власт на чело со ВМРО- ДПМНЕ. 
-Локалната самоуправа, од поодамна, преку Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид и Министерството за транспорт и врски има побарано утврдување на локации и согласност за изградба на јавни тоалети  во стариот дел на Охрид и централното  градско подрачје кои се во нивна надлежност, но сеуште не сме добиле одговор, информираа од Локалната самоуправа.
OhridNews