ОК на ВМРО ДПМНЕ, смета дека со начинот на кој е организирана и времето кога се реализира посетата на општинската делегација на Австралија, е нарушен угледот на градот, но и дигнитетот на Советот. Партијата побара објаснување за целта на посетата на Австралија и за  критериумите според кои е  составена делегацијата.

–  Прашуваме, од кого се срамите и бегате, кога моравте без срам и морал, да ја излажете  и јавноста но и институциите од кои баравте виза, дека дел од членовите на тнр. делегација за Австралија се ваши советници и членови на Советот! Знаете ли дека за лажење и лажно преставување следат не само политичка туку и кривична одговорност согласно законските прописи. Што, кого и зошто лажеше Градоначалникот на Охрид? Советниците на ВМРО-ДПМНЕ протестираат против овој чин кој претставува навреда и лага, но зошто за тоа молчат советниците од партиите во неговата коалиција!? – истакна Атанаско Михаилов, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид.

Тој го повика Петрески што побрзо да се врати од Австралија за да може веднаш наредниот ден да си поднесе оставката од функцијата градоначалник.

Во име на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид, протест изрази советникот Дејан Пановски, поради, како што рече,  лажното претставување како членови на Советот на дел од патниците во тнр.делегација на општина Охрид во Австралија.

– Со тоа е нанесена штета на угледот на сите советници, на угледот на Советот како орган на локална самоуправа и на угледот на граѓаните кои гласаа на изборите. Како советничка група, ќе побараме од Претседателот на Советот на општината Охрид, да побара објаснување од водачот на делегацијата зошто дојде до ваков испад, рече Пановски.

OhridNews