Предвремените избори не се најпосакувана опција за ВМРО-ДПМНЕ, но партијата е подготвена со полн капацитет да влезе во изборна кампања, порача Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации во владејачката партија, пренесува „Макфакс“.

По средбата на лидерите од коалицијата „За подобра Македонија“, Димовски рече дека не се разговарало за можноста за предвремени парламентарни избори, туку фокусот на средбата бил на настапот на редовните локални избори во 2013 година.

„За ВМРО-ДПМНЕ во моментот не е најпосакувана опција предвремени избори, но потенцирам дека ВМРО-ДПМНЕ е најподготвената партија, ако има потреба од предвремени избори, со полн капацитет да влезе во изборна кампања“, рече Димовски.

Коментирајќи ги несогласувањата со владиниот партнер ДУИ околу предлог-законот за бранители, Димовски посочи дека тој закон се однесува на сите етнички заедници во Македонија и не ги опфаќа само загинатите бранители од конфликтот во 2011 година, туку и загинатите од стартот на југословенската војна и припадниците на мисиите во странство.

„Законот за бранителите е позитивен, којшто на никого не му одзема права и можности, напротив, ја продлабочува оваа материја за којашто веќе има донесено закони во Република Македонија. Затоа, цениме дека политичките партии треба да го надминат периодот во којшто со емоции коментираа околу законот за бранителите и треба да се потрудат во рамки на можностите што ги имаат, во рамките на интересите на нивното гласачко тело да ги разгледаат рационалните аспекти на предлог-законот за бранители“, рече Димовски.

Коалиционите партнери разговарале и за актуелната економска состојба во земјата.

„Околу податоците кои се актуелни во Македонија и секаде во Европа и се разговараа можностите и начините, како да се изнајдат решенија, со коишто би се намалиле негативните ефекти од таа европска должничка криза“, рече Димовски.

OhridNews
извор:„Макфакс“