Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ, со соопштение до јавност реагира на обвинувањата што денеска на прес конферемција ги изнесе претседателот на ОО СДСМ – Охрид, Томе Чингоски. Во соопштението се вели:

„Најпрво, најодговорно тврдиме дека ВМРО-ДПМНЕ не врши и нема потреба да врши притисок на ниту еден граѓанин за кого да  гласа, ни по телефон, како што тврди г-дин Томе Чингоски, ни на било кој друг начин. Ги охрабруваме граѓаните ако се сведоци на било каква форма на притисок веднаш да ја пријават до надлежните органи. Но што ако се утврди дека закани навистина имало, но заканите не дошле од ВМРО-ДПМНЕ туку од друга страна? Дали СДСМ јавно ќе се извини, на ист начин на кој јавно неаргументирано напаѓа?

ВМРО-ДПМНЕ нема никаква врска со случувањата во ниту едно јавно претпријатие во Охрид. Случувањата во „Охридски Комуналец“ се само доказ за потполно неуспешното работење на сегашниот и поранешниот директор на јавното претпријатие, Павлоски и Петрески, и ништо повеќе од тоа.  Но вистинско прашање е дали истите им се заканувале на штрајкувачите со бркање од работа?

Ние ги прашуваме кандидатот за градоначалник Петрески и СДСМ-Охрид дали е коректна изборна кампања преземањето градежни работи во определени делови на градот во моментов, и дали е вистина дека тоа се прави со условување на граѓаните за кого да гласаат и со одземање на нивните лични карти?

Дали е демократски таблата „Добредојдовте во Охрид“ да ја украсуваат со постери на Петрески?
Дали е коректно канцелариите на месните заедници да се користат како изборни штабови на кандидатот Петрески?
Дали е „навреда“ и „омаловажување“ ако кандидатот Петрески кој сам за себе тврди дека „исполнил повеќе од што ветил“ го потсетуваме дека не исполнил ништо од тоа што го ветил, цитирајќи ја неговата изборна програма од пред 4 години?
Дали не е вистинска срамота кандидатот Петрески, кој сам за себе тврди дека го „раздолжил Охрид“ упорно не излегува со бројки за состојбата на задолженоста на Општината (што е негова обврска бездруго) и не кажува зошто единствениот фокус во однос на раздолжувањето е на претпријатието „Гранит“ и покрај вистината дека Охрид е задолжен како никогаш досега?

Зошто Петрески и СДСМ не сакаат да се изгради Универзитетот за информатички технологии во Охрид?
Петрески и СДСМ во паниката пред изборниот пораз смислуваат сценарија недолични за еден горд град како Охрид. Ние нема да ги прифатиме такви сценарија“, стои во соопштението на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Охрид.