Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, водејќи се од демократските начела, како и од заложбите за транспарентно, чесно работење и постојана блискост до граѓаните, објавуваа Повик за кандидирање на кандидати за Градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ за Локалните избори 2013 година.
„Кандидат за градоначалник може да биде секој граѓанин, кој ги исполнува условите за кандидирање за градоначалник пропишани со Устав и закон, да е член на ВМРО-ДПМНЕ или граѓанин кој не е член на ниту една политичка партија, но се согласува и ги поддржува политиките, заложбите и програмата на ВМРО-ДПМНЕ”, рече Антонио Милошоски, член на ИО на ВМРО-ДПМНЕ.
Заинтересираните кандидати треба да поседуваат углед, авторитет и морален дигнитет во местото каде живеат и работат, односно во општината за која аплицираат.
„За поднесување на кандидатурата не се потребни потписи, туку доставување на стандардизирана биографија, детална програма за работа на општината за која се поднесува кандидатурата, како и пополнување на стандардизирана апликација која се подигнува во Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ”, додаде Милошоски, а потребната документација за кандидирање може да се подигне и да се предаде во Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, секој работен ден од 12 до 17 часот или на веб страната www.vmro-dpmne.org.mk.
Пополнетите материјали треба да се достават најдоцна до 01.09.2012 година.
„По доставувањето на кандидатурата, секој кандидат дополнително ќе биде контактиран од Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и со него ќе биде извршен разговор од страна на Специјална комисија која за таа цел ќе биде формирана”, појасни Милошоски, а сите кандидати имаат подеднакви шанси да бидат избрани.
ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна партија, ќе се потруди да ги избере најдобрите кандидати кои ќе работат во интерес на граѓаните и развојот.