Вечерва  пред седиштето на поранешната Општина Косел, ОИШ ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг со граѓаните на Косел, Вапила, Ливоишта, Свиништа и Опеница.


   
Пред поголем број собрани граѓани се обрати носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, Борис Стефаноски кој ги повика граѓаните да ја поддржат советничката листа за преку обезбедување на мнозинство во советот да се обезбеди ефикасна работа на локалната самоуправа.


   
Министерот за информатичко општество, Иво Ивановски зборуваше за големото значење кое што Владата на Р. Македонија го посветува на образованието со што ќе се создадат услови младите да се задржат во државата, а работната сила во Македонија да биде глобално конкурентна. Министерот ги повика граѓаните да изберат нова локална власт затоа што досегашната се покажала неспособна да изработи проекти кои ќе добијат поддршка од Владата и незаинтересирана да ги поддржи проектите на Владата од интерес на сите охриѓани.


   
Кандидатот за градоначалник Кирил Трендафилов – Нанче истакна дека проблемите со водоснабдувањето на повеќе населени места од поранешната општина Косел ќе ги разреши во најбрзо можно време. Вети постојана комуникација со граѓаните во решавање на нивните проблеми и истакна дека отчетноста ќе биде врвен принцип на работата на новата општинска власт. Се заложи на силен натамошен развој на патната инфраструктура и трансформација на Косел во вистинска урбана населба, соопшти Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ – Охрид.