ВМРО-ДПМНЕ синоќа одржа предизборен митинг во Струга на кој беа претставени кандидатот за претседател Ѓорѓе Иванов и кандидатот за градоначалник Славко Котевски.

Обраќајќи им се на стружани, кандидатот за претседател, Ѓорѓе Иванов, истакна дека искреноста, чесноста и трудољубивоста придонеле да стане претседателски кандидат.

– Чест ми е што сум кандидат на коалицијата „За подобра Македонија“ која ги сплотува луѓето. Без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, сите сплотени покажуваме кога Македонија може да постигне се. Кога Македонија е единствена тогаш е и почитувана. Почитувана и од внатре и од надвор, рече Иванов.

Кандидатот за градоначалник на Струга, Славко Котевски, рече дека има 12 приоритети кои треба да придонесат Струга за четири години повторно да стане препознатлив туристички бренд.

Пред стружани говореше и лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски. Тој ги повика стружани да гласаат за Славко Котевски и за партијата која, како што рече, се бореше за Струга кога и беше најтешко.
На митингот беа претставени и кандидатите за членови на советот на општина Струга.











