Од општинската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека со брутална партизација на претпријатијата и со поставувањето некомпетентни партиски кадри, актуелната власт  Охрид го турка во хаос.

– Манифестирајќи невидена дрскост се поигруваат со граѓаните, нудејќи живот за сите, а лицемерно ги напаѓаат чувствата на семејствата на починатите. Директорката на ЈП „Градски гробишта“, Татијана Дамјаноска веќе неколку дена е поврзана со срамен и недоличен чин, дело со кривична одговорност. Извршеното дело било направено на писмено барање од Директорката до приватниот погребален оператор со што тие пристапиле кон откопување на гробот, односно е извршена ексхумација, спротивно на сите законски прописи, рече на денешната прес конференција шефот на центарот за комуникации и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Перчо Божиновски.

Божиновски ја повика директорката, да даде одговор на прашањата: Во кое својство се обратила до приватен оператор, ако според ставот 1 тоа го прават само членови на потесното семејство? Дали има одобрение од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на внатрешните работи и од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството? Дали е пријавено и пред колку дена извршувањето на откопувањето? Со која дополнителна цел врши ископување на гробот? Во интерес на кого и за утврдување на докази е спомнат пронајдениот лимен сандак?

Божиновски постави и прашање дали за случајот била информирана Македонскат аправославна црква со оглед на поставениот бетонскиот крст со слики од што се гледа дека се работи за свештено лице со мошти.

– ВМРО-ДПМНЕ жали за овој срамен чин за кој треба да има кривична одговорност и бара од надлежните органи на прогон: СВР Охрид и Јавното обвинителство да постапат по Институтот Допрен глас преземајќи соодветни мерки согласно правните закони во државата. Почитувана директорке, одлуката на нестручниот Управен одбор да не се дозволува закоп на покојници сже додека не се плати целосно гробното место како ќе се одрази врз буџетот на граѓаните? Согласно изнесеното, градоначалникот Јован Стојаноски треба да знае какви кадри назначува да ги водат јавните претпријатија во Охрид. Стручни кадри или само партиски послушници што предизвкуваат хаос?, праша Божиновски.

ВМРО-ДПМНЕ бара јавно извинување и разрешување на директорката на ЈП „Градски Гробишта“ од страна на градоначалникот Јован Стојаноски.

OhridNews