ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид со реакција на обвинувањата од СДСМ Охрид поврзани со образованието. Во неа велат дека учебната година започна навреме во сите училишта во Охрид и ниту едно дете не е оставено без настава, ниту еден ученик не е загрозен, ниту пак некој бега од одговорност.
Напротив, вложувањата во образованието се најголеми во последните години и тоа е видливо во секое училиште во Охрид. Тоа е реалноста што не можете да ја избришете со фотомонтажи и политички конструкции. Тоа што го претставувате како сензационална вест е всушност доказ дека институциите работат одговорно. Најинтересно е што токму вие кои денес зборувате за одговорност, со години не оставивте ниту еден значаен капитален проект во образованието. Вие, кои во ваше време ја разнебитивте Гимназијата и не мрднавте со прст, сега се дрзнавте да коментирате за целосната реконструкција на училиштето. Кажете што сте сработиле и направиле за Гимназијата? Целосна амнезија имате во каква состојба беше поткровјето во ваше време. Додека бевте на власт училниците ви прокиснуваа и ви се уриваше дел од таванот. Излажавте за реконструкција на подовите и кратевте средства за санација на покривот. Вие додека бевте власт скративте 155.000 денари за санација на покривот во Гимназијата сега се дрзнувате да коментирате за поткровјето, велат во реакцијата.
Посочуваат дека реконструкцијата на ООУ „Григор Прличев“ е реален проект што се спроведува на терен, секојдневно се работи и училиштето ќе добие подобри услови какви што заслужуваат учениците и наставниот кадар.
Родителите ја знаат вистината, а вистината е дека денес се инвестира во училиштето. Какви градежни активности имавте за цели 8 години во училиштето, та сега ќе прашувате и безобразно коментирате за временски рамки? Да бидеме искрени, не ви пречат градежните работи, туку ви пречат инвестициите. Не ви пречат реконструкциите, туку ви пречи тоа што некој работи и остава резултати што граѓаните можат да ги видат со свои очи. За разлика од вас, ние не бегаме од одговорност. Одговорност е проблемот да го решиш. Неодговорност е да го користиш за политичка пропаганда, додаваат во реакцијата.
OhridNews












