На 14 јануари, Спасовски на прес конференција најави: „ќе обелоденам нови злоупотреби на лични документи, што можеби се користат и за други намени во државата или надвор“. Оливер Спасовски тогаш ја вознемири македонската јавност, фалејќи се дека спречил злоупотреба на македонски идентитети. Инсинуираше дека 70.000 формулари би гарантирале повеќе милиони евра нелегален прилив од нелегално издадени документи, изјави на прес конференција Павле Саздов од ВМРО ДПМНЕ.

-По само 9 дена технички назначениот министер од СДСМ доби жестока реакција за неговата манипулација. Медиумите открија дека имало огромен револт кај германските авторитети за фабрикувањето на аферата од страна на Спасовски. Затоа, ВМРО ДПМНЕ го повикува Оливер Спасовски, да одговори дали се точни наводите на медиумите дека тој бил информиран од германската компанија уште во декември, со целосно појаснување на случајот и дека од двете страни имало согласност дека не станува збор за криминал? – рече Саздов.

Доколку овие наводи се точни, додаде тој, тогаш треба веднаш да излезе и да се извини за скандалот понесувајќи ја одговорноста.

-Најпрво, треба да им се извини на сите вработени во МВР кои неосновано ги обвинуваше. Потоа да им се извини на германските партнери чиј углед и репутација ги загрози со своите изјави, а пред се да им се извини на граѓаните затоа што преку урнисување на кредибилитетот на Министерството за внатрешни работи, го урива и нашиот кредибилитет, на Република Македонија. – истакна Саздов.

Тој праша дали лагите на Оливер Спасовски се причина за неговиот молк околу мотивот на германската компанија да се вклучи во меѓународен криминал со печатење на македонски возачки дозволи?, како и дали од истата причина Спасовски не одговори и по чија наредба постапувала компанијата и какви кривични пријави и против кого се поднесени од негова страна?

Германските авторитети и на своја кожа добија можност да се уверат како во пракса функционира Фабриката за афери на СДСМ. Германија можеше одблизу да види колку неморално и бескрупулозно се однесува раководството на СДСМ кога треба некој да биде нападнат или оцрнет од теснопартиски интереси, без оглед на штетата која се нанесува на угледот на Република Македонија. – додаде Саздов.

OhridNews