Очигледно е дека опозицијата бара алиби за политичкиот пораз кој би го доживеал на следните избори, истакна Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес конференцијата на која владејачката партија одговори на иницијативата на СДСМ за измени во изборниот законик.

-Тоа не го прават прв пат, го правеа во 2011 година, пред предвремените парламентарни избори. Го правеше со истиот речник, истите зборови и со истата напумпана реторика. Верувам сите се сеќавате на моментите кога се велеше “ајде на избори”, а потоа се измислуваа услови за нивното одржување. Сега се прави истото. Бараат услови, повикувајќи се на забелешките и препораките на ОБСЕ и ОДИХР кој да потенцирам се и за нас прифатливи, но немаат никаква врска со конкретните предлози за кој денес говореше СДСМ, рече Спасеноски.

Тој го критикуваше предлогот за изрекиување казна затвор доколку во последните три месеци пред одржувањето на избори, премиерот или друг министер се појават на ТВ или во некој весник, или пак пуштат во употреба веќе завршен проект, реализиран во согласност со владините програми.

-СДСМ практично предлага Владата ниту да работи, ниту да се појавува на телевизија за да тие можат да се надеваат на сопствен успех. Поточно, СДСМ би сакале да одат на избори но по можност ВМРО-ДПМНЕ и Груевски да не учествуваат во изборите, рече Спасеноски.

OhridNews