Нашите заложби да ја информираме јавноста за погрешните политики и политиканства на Петрески , нашето транспарентно работење преку информирање за сите критични одлуки како и работата и цврстиот став на советничката група во Советот на Општина Охрид на последната седница придонесоа Петрески да биде притиснат до ѕид и уште еднаш да признае пораз пред вистината, изјави на денешната прес- конференција претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов, придружуван од советничката група на партијата.


 
Петрески вчера ја призна едната од своите многу грешки и изјави дека ќе се повлече од процесот за продажба на МЈП Проаква кој тој го криеше под името концесија. Ваквиот негов обид да учествува во манупулација за продажба на МЈП Проаква заслужуваше најостра осуда и тоа е обид, заради кои доблесни луѓе и политичари треба веднаш да поднесат оставка. Фатен во голема лага и притиснат од советничката група и посебно од граѓаните , во безизлез изјави дека тој ќе ја прекине постапката за продажба т.е концесија на Проаква. Неговото објаснување и клеветење за причините за таквата негова одлука нас воопшто не не интересира. Ионака неговиот збор повеќе не вреди ништо. Затоа освен што ќе го прекине овој чин потребно е да го прекине и неговото 8 годишни изживување со Охрид, рече Михаилов.

Тој потенцира дека покрај политичките субјекти, и граѓаните извојувале голема победа врз Петрески јасно ставајќи му до знаење дека тој нема право да си поигрува со јавните добра на граѓаните на Охрид и да си поигрува со националното богатство.

– Овој пораз на Петрески е само уште едне во низата на порази како што беа поразите за коруптивниот елемент со ставање на братот во Комисијата за јавни набавки , како што е поразот за некои урбанистички планови од негов интерес, како што е поразот со подигање на цените на комунални услуги, изјави Михаилов.

Претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ рече дека ќе продолжи нивната битка за Охрид против катастрофалното владеење на Петрески и СДСМ, да се  избришат одлуките   за поскапување на комуналните услуги во Охрид и дека ќе продолжат да му нанесуваат порази на Петрески и СДСМ во Охрид.

OhridNews