Општина Охрид функционира како финансиска пирамида со милионски долгови на општината и јавните претпријатија, изјави пратеникот Александар Николоски на прес конференцијата што денеска се одржа во ОК ВМРО ДПМНЕ-Охрид.

Тој презентираше податоци за задолженост на Општина Охрид и јавните претпријатија Проаква, Охридски Комуналец и Нискоградба, кои како што рече, биле доставени од чесни и загрижени луѓе кои што работат во општината и јавните претпријатија.

-Сумата на долговите е тажна но вистинита и изнесува 1 милијарда 146 милиони 412 илјади и 400 денари точно или 33 милиони 306 илјади и 500 евра заклучно со 31.12.2012 година за Општина Охрид, ЈП Проаква, ЈП Комуналец и ЈП Нискоградба. Можеме да претпоставиме дека има сличен долг и во другите Јавни претпријатија за кој што немаме податок. Да е трагедијата поголема за непродуктивни трошоци само за неполни два месеци во 2013 година односно за јануари и февруари се направени трошоци во висина од 32, 69 милиони денари или 536.053 евра. – истакна Николсоки.


Тој рече дека долговите на, како што го нарече, охридскиот ТАТ,  достигнуваат висина на скоро четири вкупни буџети на Општина Охрид.

Ова е вистината на криминалното работење на Бранко Црвенковски и Александар Петрески во Охрид.
Преку две илјади луѓе коишто работат во Општината и ЈП се на работ на својата егзистенција поради долговите, а шеесет илјади жители на Охрид ги трпат последиците на ова недомаќинско и криминално работење на Бранко Црвенковски и Александар Петрески.-
изјави Николоски.

Тој уште додаде дека доколкуновиот градоначалник на стане градоначалник Никола Бакрачески, ќе направи силни напори во соработка со Владата на Република Македонија да се најде излез за прекумерниот долг на Општината незапаметен во историјата на било која општина во државата и регионот.

Николоски го повтори ставот на Бакрачески дека  нема да има отпуштња вработени од работа, но додаде дека виновниците за направените долгови ќе мора да одговараат пред законот.

-Со новиот Градоначалник ќе влезат и соодветните ревизорски и истражни институции па да видиме кој работел чесно а кој правел долгови, кој мислел за интересот на Охрид а кој создавал нов ТАТ.-рече Николоски.

OhridNews