„Ако Петрески имаше добро сработено ќе победеше уште во првиот круг, но очигледно неговиот тесен резултат најмногу се должи на коалиција структури во градов со кои соработуваше и кои со подземни методи успејаја да соберат гласови“, рече на прес-конференција кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Трендафилов Нанче.

Тој го изрази своето уверување дека од 5 април ќе биде градоначалник на Охрид и како што рече, ќе воспостави нови критериуми во работата на градоначалникот и функционирањето на општинската администрација.

„Граѓаните на 5 април ќе направат идентификација на реалната програма на која треба да и се даде доверба а не да дозволиме и во  следните 4 години одредени криминигени структури да управуваат со Охрид на сметка на граѓаните“.

Нанче на денешната средба со новинарите потсети дека е задоволен од резултатите од првиот круг. На новинарско прашање, дали веќе е разговарано со останатите политички партии во врска со нивните гласови, тој рече оти е природно да се преговара со политичките опции, но не конкретизираше со кого досега се остварени средби.

А.Р.