Тонењето на Охрид  предводен од  кадрите на СДСМ, не престанува веќе 7-ма година. Дополнителем товар врз Охрид сега е и класичната форма на непотизам во која најблизок роднина, брат на актуелниот Градоначалник Петрески, е предложен за Претседател на Комисија за јавна набавка во вредност од 150 милиони денари, истакна координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски, на денешната прес- конференција одржана пред Државната комисија за спречување на корупција.


Поизразена форма на непотизам и позиција за коруптивен момент не е забележана. Внимавајте, брат на Градоначалник ќе ја  раководи Комисијата по однос на најголемата јавна набавка во Охрид. Во Охрид има уште илјадници способни луѓе, а Александар Петрески си го избра својот роден брат да води јавна набавка вредна 150 милиони денари. Но, она што ја шокира јавноста  не е само овој чин на злоупотреба  туку  и немањето на основно чувство за јавна одговорност од страна на Градоначалникот  Петрески  кој  за  јасниот случај на непотизам  и корупциски потенцијал, наместо да се извини на охридската јавност ако има доблест, тој во негов познат стил  изјавува дека брат му бил стручен и квалитетен човек кој најдобро ќе ја завршел работата, рече Пановски.

Тој потенцира дека елементот на непотизам и корупција  не се бара во стручноста или нестручноста  на некој човек, туку во фактот дека е тој најблизок роднина на Градоначалник на Општина во која се врши јавната набавка .

Целиот скандал добива  уште поголем  облик на злоупотреба ако го имаме во предвид  фактот дека зад оваа предлог- одлука, а со тоа и зад аминувањето на непотизмот стои целиот СДСМ рефлектиран преку потписот на Претседателот на Советот на Општина Охрид, истакна Пановски.
 
Тој додаде дека советничката група на ВМРО ДПМНЕ  и коалицијата во советот на Општина Охрид е подготвена да ги искористи сите механизми за да го заштити Охрид од налетот на непотизам и коруптивно делување.  – Се работи за класична форма на судир на интереси со именување на лице од прва крвна линија на позиција, на која оној што именува го контролира именуваниот во донесување на Одлука, рече Пановски.

Советничката група на ВМРО- ДПМНЕ побара од Антикорупциската комисија, под итно да реагира и да ја спречи злоупотребата. Доколку до седницата на Советот на Општина Охрид,  закажана за утре не дојде до промена на одлуката и доколку истата се изгласа од Советот, од ВМРО- ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат преставка до Антикорупциската комисија за непочитување на законските обврски.  

OhridNews