Извршниот и Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на состанокот одржан синоќа донесоа одлука партијата да се врати во работата на Собранието.

-Првиот чекор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде покренување на прашање за гласање на недоверба на владата, затоа што од она што досега видовме се работи за влада со изгубен кредибилитет, влада која не работи за граѓаните и ја турка државата во амбис. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во детали ќе изложат аргументи зошто оваа антинародна и антидржана влада треба што поскоро да замине. Колку побрзо толку подобро за државата. Поразите станаа секојдневие, а голиот популизам нејзино обележје, во реалноста народот живее многу полошо. Оваа криминална влада станува запаметана како најнеспособната досега од осамостојувањето на Република Македонија. – рече на прес конференција лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој истакна дека во финална фаза се преговорите со владејачката СДСМ за реформските закони при што била постигната согласност за поголемиот дел на закони, а биле прифатени голем дел на забелешки и укажувања на ВМРО ДПМНЕ за подобрување на законите.

-Во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ не беше во Собранието тие донесоа дузина клучни закони без било каква консултација со опозицијата, како што е примерот со законот за администрацијата, подотворајќи врата за партиски реваншизам и бркања од работа. Ќе порачам надвор од реформските закони ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ништо да помине кое ќе оцениме дека не е од корист на граѓаните. – додаде Мицкоски.

OhridNews