Не стивнуваат реакциите по вчерашната седница на советот на која предложените нацрт детални урбанистички планови за опфатот Табана и Ривиера не беа усвоени.
 
Вчера на седницата имавме борба за правда и законитоста, борба за Охрид. Нашите аргументи беа принципиелни и поврзани со мислењето на стручните институции кои јавно и јасно укажаа дека предложените планови немаат одобрување да бидат точки на дневен ред на седница. Принципиелно и со аргументи го браневме ставот Охрид да биде урбанистички заштитен од нападот на висококатници во неговиот најчуствителен дел, во неговото срце, рече на денешната прес конференција координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Пановски.


Паноски изрази благодарност до сите советници и граѓани кои ја увиделе вистината и застанале зад интересот на Охрид, и не дозволиле плановите да се изгласаат.

Тој рече дека сопствениците на имотите вратени со денационализација во опфатот Ривиера, кончено после години на манипулации сега добија отворена можност да влезат во вистинска и реална процедура на донесување на реален урбанистички план, без нанесување штета на никого поединечно и на Охрид.

На прес- конференцијата, советникот Јованка Дамовска- Секулоска се осврна и на донесените одлуки за измена на цената на гробната такса и долгорочното задолжување на ЈП „Нискоградба“.


Мнозинството предводено од СДСМ, усвои одлука цената на гробарината да биде 720 денари, која е на штета на граѓаните. Голем број од нив кои ја платиле давачката за 2011 од 1200 денари, ќе бидат ограбени за разликата во износот, а  за тоа ЈП не понуди никаква можност за компензирање на разликата. Остануваме на ставот дека гробарината треба да е 200 денари, а на оние кои веќе платиле да им се понуди можност за компензација со долгот од 2012, рече Секулоска.

Во однос на кредитното задолжување на ЈП Нискоградба, Дамовска- Секулоска рече дека неоправданоста на кредитот е уште поголема што неговата намена не е инвестициона, туку за покривање тековни потерби и плаќање даноци што нема да ја подобри ефикасноста во работењето на претпријатието, туку само ќе ја продлабочи кризата во која се наоѓа, на товар на вработените и граѓаните.

По прес конференцијата на ВМРО- ДПМНЕ, следеше експресна реакција од градоначалникот Александар Петрески.


Од ВМРО- ДПМНЕ и пред седницата и на неа се обидоја да манипулираат со граѓаните за да добијат политички поени. Во рамки на предложените нацрт ДУП- ви за Табана и Ривиера не е предвидена изградба на висококатници. Еден објект е предвиден на просторот зад хотел Ривиера П+ 4, а во опфатот Табана нема ниту една висококатница. Одговорно тврдам дека за плановите имавме комплетна согласност од надлежните институции. Од нив не очекував да гласаат  за предложените планови, ниту советниците од ВМРО- Народна партија кои кажаа дека не гласаат од причина што на нивни членови- сопственици на земјиште во предложените планови не им се зацртани објекти. Ако и нив им се нацртаат објектите, во иднина ќе го подржаат планот, рече Петрески.

Според него, од ВМРО- ДПМНЕ не сакаат никакви инвестиции во Охрид, за да нема негов развој, а при тоа да се покаже дека тоа е поради неспособност на градоначалникот.

Градоначалникот потенцира дека ќе настојува нацрт плановите за Табана и Ривиера во што пократок рок да се најдат повторно пред советниците. Во меѓувреме, од Завод и музеј ќе побара изработка на нови подлоги. – Штом тие ни ги испратат, ние уште веднаш ќе ги вградиме во плановите и ќе ги изнесеме пред советниците, рече Петрески.