Утврдување на нов рок за доставување на листите за кандидати за советници и листите за кандидат за градоначалник кој би траел до 03.03.2013 година (недела) во 24 часот, е новиот предлог кој денес го упати ВМРО- ДПМНЕ до СДСМ.

–  Во овој рок сите политички партии ќе можат да ги достават листите. Оваа постапка би се овозможила со интервенција во преодните и завршни одредби на Изборниот законик и би се однесувала само за овие локални избори. Ако СДСМ денес го прифати овој предлог, утре на итна седница Собранието на Република Македонија би ги усвоило измените на Изборниот законик и тие би стапиле на сила веднаш. Во насока на надминување на политичката состојба, високо значење и позитивни резултати би имало и доколку СДСМ донесе одлука за враќање во нормална работа на нејзината пратеничка група во Собранието на Република Македонија, со што би продолжил политичкиот дијалог по сите важни прашања. Воедно, заеднички, во текот на утрешниот ден би ги усвоиле измените на Изборниот законик со кои се утврдува нов рок за доставување на листите за кандидати за советници и кандидат за градоначалник од страна на политичките партии, изјави на денешната прес- конференција, Зоран Ставрески, член на ИК на ВМРО- ДПМНЕ .

Во врска со настаните од 24.12.2012 година ВМРО-ДПМНЕ предлага формирање на Комисија која би имала надлежност да ги утврди сите причини, аспекти и настани кои доведоа до конкретната ситуација. За ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив и  предлогот кој го понуди Претседателот, Ѓорге Иванов.

– Имајќи во предвид дека СДСМ бараше одложување на изборите со цел да има време да ги состави листите на кандидати за советници и градоначалници, со овој предлог на СДСМ му се овозможува цела една недела да го направи истото и да учествува на изборите без притоа да има потреба од одложување на изборите, што за ВМРО-ДПМНЕ е непотребно и неприфатливо. Ако е потребна една недела за подготовка на листите, СДСМ со овој предлог ја има, рече Ставрески.

Тој додаде дека доколку СДСМ и овој предлог го одбие тоа ќе биде доказ дека идејата на СДСМ е да продолжи со создавање на проблеми во Република Македонија, а не обезбедување на евроатлантската иднина.


Предлогот за надминување на политичката криза го изнесе чл. на ИК ВМРО ДПМНЕ З. Ставрески

OhridNews