По вчерашната изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека распуштањето на парламентот и распишувањето на избори нема да се случи доколку до 12 февруари не се изгласа законот за јавно обвинителство, денес, на прес конференција се огласи претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, ваквата изјава на Заев значи бегање од избори и соочување со одговорноста.
- Законот за јавното обвинителство го користи единствено како изговор за останување на власт. А, од изговори и блефови веќе е доста. Ова е најмалку трет изговор за да избега од избори. Претходно беше наводната шпанска криза и влијанието врз ратификувањето на протоколот за НАТО, па потоа смисли изговор во кој се посочуваше блокадата на законите од страна на опозицијата меѓу кои беше и оној за бизнисот и извоз на цвет за марихуаната во кој директен интерес има семејството Заеви, за да денес се смисли нов изговор, а тоа е законот за јавно обвинителство, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека законот за јавно обвинителство кој го предлага Заев е едностран и во спротивност со експертските мислења, Уставот и кривичната материја. Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за јавно обвинителство, туку е против партиски закон за јавно обвинителство со кој ќе се заштити криминалот.
- Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Затоа предлагам законот за јавно обвинителство да дојде од експертите и професорите од Правниот факултет кои имаа релевантност и искуство од оваа материја и беа дел од јавната дебата. Професионализамот да го ставиме над партиските интереси, а законот кој тие ќе го предложат безрезервно и без двоумење ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ предлага формирање на тим од врни експерти кои што ќе работат на изготвување на овој закон, меѓу кои ќе бидат вклучени професорите по уставно и казнено право: Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ.
OhridNews