После вчерашниот исклучително слаб, блед
и збунет настап на пратеничката група на СДСМ во Собранието, денешната
прес конференција на Бранко Црвенковски е со причина да се покрие лошиот
впечаток во јавноста за СДСМ.

Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Бранко
Црвенковски, кој рече дека вчерашното гласање доверба на владата во
Парламентот, всушност само потврдило дека меѓу коалиционите партнери
нема никакви несогласувања.

„За жал Бранко Црвенковски денеска го повтори истиот говор што Јани
Макрадули вчера го говореше во Собранието. Оваа фарса со удирање во
гради за јакнење на сопственото членство кое веќе ни на митинзи не им
доаѓа, а и со гласно повикување “ајде на избори” мора да престане. На
граѓаните им е преку глава од ваквите празни зборови, граѓаните
очекуваат конкретни проекти и мерки со кој што државата треба да се
справува со последиците од Светската економска криза и со кои треба да
се остваруваат интересите на граѓаните“, се вели во реакцијата од
ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата на власт порачува дека има обврски што ги презела пред граѓаните и мора да ги исполни.

„Овие ситни трикови за тоа кој ќе испадне мангуп ви ги оставаме вам,
бидејќи само тоа знаете да го зборувате и не знаете да говорите ниту за
проекти, ниту за мерки и конкретни активности“, се вели во реакцијата на
ВМРО-ДПМНЕ, во која и се додава дека оваа партија нема намера да биде
партнер во една, како што е наведено, „празна дискусија што СДСМ се
обидува да ја наметне во Македонија“.

OhridNews
извор:„Макфакс“