Владата на СДС го поништи тендерот за изградба на катна гаража во центарот на Охрид, проект со кој требаше да се реши проблемот со паркинг места во Охрид и значително да се растерети сообраќајниот метеж, изјави Бојан Стојаноски, на денес одржанат прва прес конференција на ВМРО ДПМНЕ по денот на одржувањето на локалните избори.
– Со стопирањето на овој проект СДС свесно дозволува да продолжи сообраќајниот хаос во најголемиот туристички центар во земјава. Возачите ќе бидат приморани да ги паркираат автомобилите по улиците и тротоарите, а со тоа да се ставаат во потенцијална опасност и животот на пешаците. Ветуваа промени и решавање на проблемот со сообраќајниот хаос, а сега откако се на власт гледаме дека тоа биле само лаги и празни ветувања, рече Стојаноски.
Додаде дека за власта не се важни капиталните проекти кои се од значење за потребите на граѓаните и на странските посетители кои ја посетуваат земјава, туку важен им е личниот профит и профитот на луѓето блиски до Зоран Заев.
– Владата на СДС крати од капитални расходи и инвестиции, а се задолжува стотици милиони евра без да објасни каде и за што се трошат парите на граѓаните. Наместо да го направат Охрид пријатно место за охриѓани и за туристите, СДС уште од првиот ден по локалните избори почнаа да се занимаваат со уништувањето на градот како во времето на Александар Петрески. Владата на СДС секој ден се повеќе покажува дека не работи ниту за доброто на граѓаните, ниту за доброто на општините во Република Македонија. СДС покажа дека нема намера да реализира ништо добро за охриѓани и Охрид, а единствениот проект на оваа расипничка влада ќе биде уништувањето на најголемиот туристички центар во Македонија, изјави Стојаноски.
OhridNews












