ВМРО-ДПМНЕ на својата редовна седница на Извршниот Комитет, донесе заклучок во врска со упатените условни барања од страна на СДСМ и нивните коалициони партнери и актуелната состојба во Република Македонија.

–    ВМРО-ДПМНЕ, како и во целото свое делување до сега, се залага за одржување на редовни, фер и демократски локални избори, во согласност со меѓународните стандарди и вградените препораки на ОБСЕ и ОДИХР, а со целосно прочистен избирачки список согласно меѓународните норми и правила. Воедно, ВМРО-ДПМНЕ, со цел потврда на своите принципиелни позиции, инсистира на засилен меѓународен мониторинг на овие избори. Оттука, во овој контекст ја поздравуваме и изјавата на американската амбасада, но и на останатите меѓународни фактори за најавен мониторинг од нивна страна на овие локални избори, велат од ВМРО- ДПМНЕ.

Република Македонија пред една и половина година одржа предвремени избори по барање на опозицијата, стои во соопштението на ВМРО – ДПМНЕ.

–  Тие избори беа изведени во целосна фер и демократска атмосфера, што впрочем беше и потврдено од целата меѓународна заедница, која честиташе на тие избори, се потврди со извештајот и препораката на Европската комисија, но се потврди и од страна на опозицијата и нивниот лидер Црвенковски, кои исто така честитаа на нашата победа. За потсетување би сакале да укажеме дека Република Македонија во само шест години веќе три пати одржа парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува СДСМ и нивните коалициони партнери да се вратат со свое учество во институционалните рамки на делување и низ дијалог во Собранието на Република Македонија, заеднички да се бараат решенија за сите предизвици на нашата држава и политички амбиент. Само низ институционален дијалог во Собранието, се подвлекува во соопштението, ќе можеме да придонесеме заеднички кон градење на доверба и подобри општествени и социјални услови и параметри за нашите граѓани.

Опозиционата СДСМ го отфрли повикот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ да се врати во парламентот и го повтори својот став дека заедно со локалните треба да се одржат и вонредни парламентарни избори.

– За да се избегне понатамошно продлабочување на политичката криза единствено решение е да се врати изгубениот легитимитет на институциите. Тоа не може да се случи само на локални, туку преку слободни и фер предвремени парламентарни избори“, велат од СДСМ.

Оваа партија смета дека преседанот со насилното исфрлување на новинарите и опозициските пратеници од Собранието, неповратно и го одземал легитимитетот на власта.

– Во ваква ситуација невозможно е да се очекува опозицијата, која беше брутално исфрлена, да се врати во Собранието кое во овој состав нема никаков легитимитет“, стои во соопштението, во кое се изразува сомневање дека актуелната власт може да организира слободни, фер и демократски избори.

Ohridnews