ВМРО ДПМНЕ изрази длабоко жалење и остра осуда за сите насилни однесувања, што се случија во минатите два дена.
-Нема ниту една прифатлива и разбирлива причина за предизвикување на насилство, тепање на недолжни луѓе, уништување на јавен и државен имот.За нас насилството нема ниту етничка, ниту политичка, ниту верска боја. Секое насилство мора да биде осудено и ние го осудуваме.Веруваме дека институциите на системот имаат капацитет и легитимитет да ги заштитат недолжните граѓани од било каква форма на насилство и самоволие.-изјави на прес конференција Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ги предупреди сите политички партии дека подигрувањето со меѓуетничките теми и односи носи штета за Република Македонија, обвинувајќи ја опозцијата за немилите настани.
-За нас е совршено јасно дека инцидентите, не случајно, започнаа во истиот ден кога лидерот на СДСМ, господинот Црвенковски беше доведен во ситуација да се откаже од сите свои уцени и условувања и да капитулира од своите барања.За нас е совршено јасно дека истите инциденти започнаа неколку саати после моментот кога стана јасно дека нема никој во Македонија, ниту пак во меѓународната заедница што ги разбира или прифаќа уцените и политиките на СДСМ.Уште повеќе, за нас е јасно дека во континуитет, неколку коалициони партнери на СДСМ јавно подбуцнуваат и повикуваат на насилство и пресметки помеѓу луѓето кои припаѓаат на различни етнички заедници. Таквите повици кулминираа токму во моментот кога требаше да се покрие срамот на Црвенковски и да се насочи вниманието на граѓаните на други теми, наспроти поразот и срамот кои ги претрпе, заради своите лаги во минатите 3 месеци.-рече Тодоров, додавајќи дека секогаш пред избори, пред извештај на Европската Комисија или пред самит на НАТО, во Македонија станало пракса да случуваат вакви инциденти.
ВМРО-ДПМНЕ повика на смирување, на запирање на насилствата и на разум.
-Повикуваме партиите да се занимаваат со она што ги интересира граѓаните, со проекти, со дела, со конкретни мерки, а не со подбуцнување и предизвикување на насилства. ВМРО-ДПМНЕ ќе стори се што е во нејзина моќ да се запрат ваквите насилства и сите кои предизвикале инциденти, без разлика од која страна, да ги сносат законските последици.-заврши Тодоров.