Зоран Заев и Никола Димитров се обврзаа пред Грција до темел да го сменат ликот на Македонците преку промена на Уставот на Република Македонија. Според член 4 став 1 од капитулантскиот Договор, се предвидува да биде отстрането се она што може да биде интерпретирано како иредентизам и основа за тврдења за македонски корени вон границите, изѕјави денеска на пресконференција Ане Лашкоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Главна цел на овој став е Преамбулата на Уставот на Република Македонија, каде стои „македонски народ и неговата вековна борба за национална и социјална слобода“. Преамбулата се повикува на Крушевската Република односно Илинден 1903 година и на Манифестот од АСНОМ, повторно на Илинден овој пат 1944. Токму Илинден, грчката официјална политика го толкува како македонски иредентизам. Тоа јасно и гласно беше посочено кога Заев, нудејќи прифаќање име за севкупна употреба, предложи Илинденска Македонија, што веднаш беше отфрлено од Грција, со назнака дека е иредентистички предлог. Преамбулата е основа на македонскиот Устав и е сублимат на создавањето на современа македонска држава. Заев преку неговата измена и тргањето на двата Илиндена, врз кои почива македонската државност, ги сече корените на македонскиот народ, неговата посебност, неговиот вековен стремеж за државност. – истакна Лашкоска.

Таа истакна дека Зоран Заев и неговите соработници во спроведувањето на капитулацијата се обврзаа да ја променат преамбулата на Уставот. Измените во Уставот всушност значат измена на преамбулата. Се’ потоа во Уставот треба да биде согласно Преамбулата, додаде таа.

Зоран Заев и Никола Димитров згора на се, се откажуваат од секакво постоење на Македонци вон границите на Република Македонија. Измената на тој член 49 од Уставот на Република Македонија, значи уште едно бришење и откажување од македонската историја и македонската борба и непокор. На тој начин македонскиот Устав ќе биде исчистен од Македонија, Македонците но и се што е македонско, како и од историскиот контекст на македонската борба за државност. – рече Лашкоска.

OhridNews