ВМРО НП е загрижена од изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека доколку дојде до поделба на Косово мирот во Македонија никој не може да го гарантира.

– Сметам дека овие последни случувања на Косово и нивното поврзување со Македонија не се за потценување и ги повикувам сите надлежни институции, а посебно коалиционерите партнери на Демократската унија за интеграција, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, сериозно да ги разгледаат односите со г-динот Ахмети и неговата партија. Во името на нашиот највисок државен интерес сметам дека сите сме повикани под заедничкото единство на нашата државна територија, да ги осудиме и да ги осуетиме директните или индиректните пораки кои ги испрати лидерот на ДУИ, дадени за Косовската радио телевизија. Со улогата на ДУИ како владин коалиционен партнер и со министер за одбрана во Владата на Република Македонија, загрижува изјавата на г-динот Ахмети, во која ја повлекува гаранцијата за соживот и за зачувување на територијалниот интегритет на нашата држава, во името на албанското население во Република Македонија, во случај на промени на границите во Косово. Исто така, алармантен е и фактот што г-динот Ахмети во својата изјава дадена за косовскиот медиум, ги посочува случувањата од 1990, 1999 и кобната 2001 година. – се вели во реакцијата на претседателот на ВМРО НП, Марјан Додовски.

Поради тоа, како што се наведува во соопштението, ВМРО НП бара од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов итно да го свика Советот за безбедност, а државните институции да ја зголемат будноста.