Уште еден обид на моќниците од ВМРО-ДПМНЕ, на неуставен и против правен начин да се стекнат со имот кој е во сопственост на РМ, на граѓаните или на МПЦ и тоа имот кој е дел од најатрактивните крајбрежни зони на Охридското езеро и Националниот парк Галичица, е ставот на општинската ВМРО- Народна партија околу предлог измените на планот за управување со Националниот парк Галичица.

– Со вака најавените градежни проекти се заканува целосна девастација на просторот, неповратно уништување на вредностите во паркот, нарушување на целокупниот еко систем на планината и езерото и ставање под знак прашање на заштитата од УНЕСКО, а сето тоа само за задоволување на потребите од неколкумина моќници во ВМРО-ДПМНЕ, кои очигледно веќе се изгубени во нивните апетити поради моќта која им ја овозможи оваа власт, велат од ВМРО- НП.

Оттаму нагласуваат дека загрижени од сериозноста на проблемот и евидентното игнорирање на истиот од страна на останатите политички партии, сакаат да ја изразат нивната целосна поддршка до големиот број на граѓански организации и поединци, кои цврсто се спротиставуваат на предложените проекти. Ги повикуваат останатите политички партии јавно да го искажат нивниот став по ова прашање.

– Во спротивно, од нивното молчење се добива впечаток дека сите ги одобруваат ваквите проекти водени од исти или слични апетити. ВМРО – Народна партија, во духот на демохристијанските вредности, се заложува за целосно почитување на правото на сопственост врз имотите на граѓаните и МПЦ, безусловно зачувување на природните и културните вредности на Република Македонија и создавање на услови за одржлив развој во заштитените подрачја, со цел заштита на природата, но и економска благосостојба на граѓаните од овие подрачја преку контролирани форми на туристичка, стопанска и земјоделска активност, велат од ВМРО- НП.

Оттаму со апел до Владата веднаш да ги повлече предлог проектите и да ја запре започнатата постапка за Измени на планот за управување со Националниот парк Галичица.

OhridNews