Советничката група на ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид на последната седница, а потоа и медиумски реагираше на одлуката за набавка на три товарни возила – фургон за потребите на јавното претпријатие “Нискоградба”. Како појаснување до јавноста, но посебно до советниците на ДПМНЕ, трите товарни возила се набавуваат со цел да ги заменат застарените возила кои ги поседува ЈП “Нискоградба”, а служат за непречено извршување на потребите на претпријатието, велат од општинската ВМРО- Народна партија.
– Според пресметките на претпријатието, за возилата кои ќе бидат купени на лизинг, ќе се одвојува по околу 10 000 денари по возило месечно. Со заштедата од високата потрошувачка на бензин и менување на дотраените делови на старите возила, претпријатието ќе може да ја исплаќа месечната рата за новите возила. Со оваа одлука,со многу малку финансиски средства, ќе се замени возниот парк и дотраените возила во претпријатието, стои во писмената реакција на ВМРО- НП.
Оттаму ја повикуваат советничката група, наместо да реагира за набавка на само три возила, да одговори пред јавноста, зошто Министерството за внатрешни работи, кое е под нивна ингеренција, на јавна лицитација која беше оспорувана и поради нетранспарентноста ќе мора да се повтори, набавува нови 150 возила кога немаат финансиски средства ниту за гориво на постојниот возен парк. Бидејќи, како што додаваат, на јавноста многу добро и се познати случаите кога припаниците на МВР на терен излегуваа со такси.










