ВМРО НП, реагира на односот на медиумите кон лидерот на партијата и малиот простор кој тие му го отстапиле во текот на изборната кампања.

-И покрај тоа што сме на неколку дена до крајот на изборниот процес од локалните избори, ВМРО-Народна партија може да констатира дека во текот на едномесечната кампања ниту еднаш на националните телевизии не беше пренесен дел од говор во живо од претседателот на ВМРО-Народна партија г-дин Љубчо Георгиевски, иако тој присуствуваше и имаше свои обраќања на повеќето од митинзите на Сојузот за иднината.Тоа е само уште еден доказ, колку медиумски е контролирана нашата држава. Единствениот жив глас кој можевме да го чуеме во оваа предизборна кампања беа негативните спотови кои ги нарачува ВМРО-ДПМНЕ.-стои во реакцијата.

ВМРО НП, уште обвини дека најголемата владејачка партија се плаши од директни соочувања, дебати, дуели, а своите политички противници ги цензурира и преку монтажи ги извртува нивните изјави.

-Кога сме кај спотовите, по повод најновиот монтиран спот со извлечени реченици за бугарофилство на претседателот Георгиевски, сакаме само уште еднаш да ја запознаеме македонската јавност дека најголемото бугарофилско лоби се уште го препознаваме токму во актуелното ВМРО-ДПМНЕ.-стои во сопштението на ВМРО НП.

OhridNews