Наместо владата со 100 милиони евра да гради подземен тунел во Скопје и со 18 милиони евра панорамско тркало, подобро е парите да се искористат за изградба на регионални депонии во Македонија, велат од општинската ВМРО- Народна партија.

– Пред секои избори имаме најава за изградба на регионални депонии, но никако да се реализираат ветувањата кои се важни за земјата. Затоа ВМРО- НП после 27 април од новата влада, при првиот ребаланс на буџетот ќе предложи изградба на пет до седум регионални депонии, кои според наша проценка ќе чинат многу помалку од изградбата на најавениот тунел од два до три километри во Скопје и панорамското тркало кои не се потребни во следните 20 години, а ќе бидат само фрлени пари. Сметаме дека граѓаните на Македонија заслужуваат многу повеќе од тоа, рече на денешната прес конференција претседателот на општинската ВМРО- НП, Ванчо Костоски .

Костоски додаде дека Македонија треба да стане лидер во регионот со изградба на регионални депонии со што би се избегнала и непријатната слика  на пејсажи со депонии.

– Ќе предложиме и за 20 до 25 поголеми општини, со ребаланс на буџетот да се овозможи да им се дадат донации за изградба на претоварни станици. Тоа значи дека општините би имале специјализиран камион за подигање на отпад, така да овие наши застарени механизации по јавните претпријатија ќе се користат само за превезување на отпадот до претоварната станица која е најблиску до градот,од каде со специјализирана машина ќе се носи отпадот до регионалните депонии, рече Костоски.

Костоски потенцира дека изградбата на една претоварна станица чини околу 200.000 евра, пари кои можат и самите општини да ги обезбедат со цел да се реши проблемот со одлагање на отпадот. 

OhridNews