На годишно ниво во општина Охрид се собира околу 22.000 тони отпад и ако се направи мала математика односно доколку 40% од истиот се селектира би се добила бројка од 8000-9000 тони отпад кој може да се искористи во комерцијални цели, односно на годишно ниво би се добила завидна сума на пари кои понатаму можат да се употребат за обновување на возниот парк на јавното комунално претпријатие. Ова се проценките на ВМРО НП која денеска пред јавноста го презентираше проектот за селеккција на отпадот во домаќинствата во Охрид.
Партијата предлага најпрвин да се реализира пилот проект кој би опфатил околу 500 домаќинства во траење од неколку месеци, а доколку истиот се покаже како успешен да се примени на целата територија на општина Охрид. Цената на чинење на 1000 канти за отпад, колку што според проценките се потребни за реализација на овој пилот проект е околу 10 -12.000 евра, велат од ВМРО НП.
-Основна замисла на проектот е селектирање на отпадот од домаќинствата, со цел намалување на трошоците на собирање на комуналниот отпад. Истиот се подига од целата територија на општина Охрид и се транспортира и одлага во депонијата Буково која се наоѓа на 25 км оддалеченост од градот. Заради немање на техничко технолошки, а посебно економски можности, отпадот не се селектира и притоа се прават неколкукратно повеќе трошоци отколку кога тој би се селектирал.-велат од ВМРО НП.
Според анализите на партијата, од севкупниот отпад кој се подигнува околу 50 проценти отпаѓа на отпад кој може да се рециклира и да претставува приход на јавното комунално претпријатие. Со тоаа воедно ќе се намалат значително трошоците за негово собирање во смисла на намалување на отпадот по основ на тежина и волумен што би придонело за намалување на трошоците за гориво, машинско масло, мазива, амортизација и човечки потенцијал односно нивна рационализација, сметаат во ВМРО НП.
-Поради неможноста да се изгради центар за селекција и преработка на отпадот замислата е да се реализира експериментален проект за селекција на отпад на еден реон (населба) со околу 500 домаќинства кои би се задолжиле со по 2 канти за отпад од 120 литри во различна боја во кои би се селектирал отпадот. Односно во едната би се одлагал само отпадот од домаќинства кој не може понатаму да се рециклира, а во другата канта би се одлагал отпадот кој може да се рециклира (хартија, пластика, стакло, метал).-образложија од ВМРО НП.
Оттаму посочија дека искуствата онаму каде се применува селектирањето на отпадот, покажале дела околу 22% од отпадот отпаѓа на хартија, околу 15% на пет амбалажа и околу 13% на останатиот отпад кој може да се рециклира стакло, пластика, метал, дрво.
OhridNews